МЕРСЕЛ БИЉАЛИ

-А кој од нив победува, дедо- прашал внукот?
-Па, волкот што ќе го храниме повеќе- одговорил стариот Индијанец.
Факт е дека нашиот волк на љубовта, чесноста и добрината е одамна мртов. Не можел да поднесе ваков кучешки живот. Не можел да живее во душите на оние што во името на идеалите прават неморали. На тие кои качувајки се кон врвовите на власта газат по животите на обичните луѓе. На тие кои во името на славното минато создадоа неславна иднина, кои потрошувачките корпи ги заменија со контејнери, кои болниците ги претворија во мртовечници,, кои пејат за Господ, а го прегрнуваат ѓаволот...
Подолго време си живееме со лошиот волк, така што не е чудно што ваква судбина не снајде. Лоша политичка ситуација, лоши меѓуетнички односи, лоша меѓурелигиска состојба, лоша економија и уште полоша социјала. Најтрагично е што комплетната оваа состојба ни изгледа нрмално, зашто владините реклами и медиумите создаваат ненормално мнение. Сега луѓето се претворени во суштества без очи, без уши, без уста, без ум. Високите национални интереси служат како смоквин лист за покривање на срамната реалност- колективната беда. Таква негрижа за човекот не била својствена ниту за варварските и окупаторски владеења. Деца трауматизирани и напуштени, распаднати фамилии, родители што ги продаваат своите ќерки, напуштени изнемоштени старци, запуштени села, родилки кои умираат како во времето на ренесансата и што не друго. А премиерот мораше во центарот на главниот град да изгради пирамиди оставајќи наоколу пустини.
Можеби гради своја пирамида оти фараон без пирамида не бидува. Познато е дека при изградбата на пирамидите страдале многу робови, а ние имаме доволно такви. Не е добро Тутанкамон да има пирамида, а Никола не. И, така, што и да прави во државата завршува како пирамида- пирамидално задолжување, пирамидален буџет, пирамидална економија, пирамидални субвенции со перење на пари, пирамидално земјоделство, пирамидална администрација, пирамидално образование. Така што човекот навистина заслужи една пирамида.
Останатиот дел од државата останува во пустина, а од пустините сите бегаат. Тоа е главната причина што го пропадна пописот. Сега огромна маса луѓе бегаат од тука. Знаат од кај трганале ама не знаат каде одат, но се сигурни дека каде и да стигнат нема да им биде полошо отколку во сопствената татковина, каде што сите патишта водат во пеколот. Нивната држава повеќе мисли на споменици отколку на нив. Поважни и се мртвите отколку живите. Поважно и е минатото отколку иднината. На пат сме да ја претвориме државата во ентитет во кој единствени жители ќе бидат спомениците. Не ни е грижа што сме уникатна држава во светот која дваесет години не успеа да направи ниту чекор напред во развојот. Дури цело време се движиме во спротивна насока. Сите околни држави кои пред дваесет години беа со децении зад нас, сега се далеку пред нас. И Анголците и Руандците и Бурундците покажуваат некаков економски виталитет, а ние остануваме заглавени во мрежата на вечната ментална транзиција создадена од вечно заробениот ум. Изгледа дека се адаптиравме во амбиентот каде што животот на обичниот човек пропаѓа пропорционално на пропаѓањето на владејачкиот морал. Продолжуваме да веруваме дека политичката лага ни ја подобрува животната вистина. Залудно се надеваме дека ќе се движиме кон иднината со возот на минатото.
Луѓето се мирни и трпеливи токму така како што власта посакува. Не слушнале за протести и штрајкови, а нивните синдикати се претворени во партиски ограноци. И тие што се исклучок се на мислење дека не можат да се борат со ветерници зашто многумина се свртуваат на страната од кај што дува ветерот. Се чини дека не постои власт која може да стегне толку многу колку што ние можеме да издржиме. Властите трошат цели мандати со ветување на светла иднина, а нам се повеќе ни се стемнува. Инвестициите ги гледаме само во кристалните топки на владината кристаломанија. Кај нас е нормално да владее лагата оти цело време робува вистината. Живееме во гладијаторски амбиент каде што мали луѓе се борат за голема власт. И затоа стана нормално обичните луѓе да страдаат за да можат необичните да проживеат луксузно. Сега веќе секому му е јасно дека колку си поблиску до власта толку си подалеку од својот нормален живот.
Крајно време е да тргнеме по колективен спас, а прв чекор кон тоа е да се смениме себе си. За да почнат да ни се остваруваат соништата најпрвин треба да се разбудиме. Треба да ни е јасно дека проблемите не се решаваат со затворање на медиумите што се критички настроени кон власта. Тоа е исто како да го скршите огледалото поради сопствениот грд изглед. Не се решаваат проблемите со сеење страв, со контролирање на судството, со злоупотреба на институциите од страна на власта. Напротив, така само уште повеќе проблемите се натрупуваат. Власта е за да ги решава проблемите а не за да создава нови. За жал власта продолжува самата да е проблем. Под итно ни е потребно да се сместиме на нормален колосек. Крајно време е кога треба да покажеме елементарен државнички капацитет и да ги решиме проблемите и да се спасиме од моментниот хаос. Има вистини на кои луѓето се уште не можат да веруваат, но кога таквата вистина ќе допре до сечии уши, трагедијата ќе биде неминовна. Главниот проблем е решението на спорот со Грција. Загубивме три години пред меѓународниот суд во Хаг а работата ни е вратена на почетокот. А и финансиски дебело ќе платиме зашто фактурата од Хаг е астрономска.
Нормалниот свет не перципира како брод заземен од пијани пирати. Тие го насочуваат бродот кон опасна санта мраз водени од заблудата дека бродот е поцврст од мразот. Ако не се осветстиме ќе имаме голема шанса да влеземе во историјата. Тогаш во една понормална иднина некои понормални луѓе ќе пишуваат за нашата денешна ненормалност. А можеби на местото на денешните споменици ќе треба да изградат автентичен Ѕид на плачот. За секој случај таквиот ѕид треба да има големо историско значење. Може да и служи на идните поколенија за плачење над колективната несреќа на нивните претци во едно несреќно време кога владееле фараони што создадоа огромна маса робови кои талкале по пустините или заблудите 40 години.
No comments:
Post a Comment